Category Archives: СОПСТВЕН СТАВ

Настава со физичко присуство или онлајн настава?

Родителите се поделени во мислењето, наставниците исто така, децата никој и не ги прашува.

Јас во овој напис ќе се занимавам со мотивите за ваквите ставови. Ќе започнам со мотивите на наставниците затоа што сум наставник.

НАСТАВНИЦИ

Наставници кои преферираат онлајн настава ги има два вида: оние кои максимално се трудат и им овозможуваат на децата квалитетна настава и оние кои забушаваат. Првите сметаат дека е добро да се продолжи со онлајн настава затоа што и тоа е квалитетена настава а децата се безбедни во своите домови, а вторите затоа што сметаат дека се скриени позади компјутерите и дека никој не гледа дека забушаваат а не се свесни дека се крајно изложени на очите на јавноста, која од тие причини со право бара намалување на платата на наставниците.

Наставници кои сакаат наставата да се одвива со физичко присуство. И тука има разни групи. Една се тие наставници кои имаат мал број ученици и за нив ништо не менува короната. Но не размислуваат за нивните колешки кои имаат на пример како мене по 27 ученици во паралелка и треба да работат две смени затоа што паралелката ќе се подели во две групи и без никаков одмор дури ни пауза за во тоалет треба да одржат во еден ден 10 часа од по 30 минути и потоа да одат дома и да подготват часови за следниот ден. Друга група се тие што се компјутерски неписмени и не се снаоѓаат со компјутерите и они би држеле и по 20 било какви часови само да не се мачат со разноразни онлајн апликации и алатки.

РОДИТЕЛИ

Прва група, оние што се за онлајн настава. Овие родители имаат компјутер за секое дете, децата им се големи и сами посетуваат онлајн настава. Доколку децата им се мали, посветено работат со своето дете и ним најважно им е здравјето на детето (дури би напуштиле и работа) но не го запоставуваат и образованието.

Втора група родители кои сакаат настава со физичко присуство. Овие родители немаат компјутер за секое дете, онлајн наставата нивните деца ја следат преку еден телефон или никако, често имаат проблем при работата со децата затоа што и самите често не ги разбираат објаснувањата и барањата на наставниците. Друга група родители кои го застапуваат ова решение се оние кои поседуваат потребна технологија но им здосади да работат со децата и сфатија колку е тешко да се учи дете и дека за тоа е потребно многу време, фрустрирани се дека немаат време за себе и својата работа и сакаат по секоја цена да ги вратат децата таму каде што припаѓаат – во училиште. Но за жал не се свесни дека децата во училиште ќе престојуваат само кратко време, најмногу два до три саати во текот на денот затоа што нема да има ни целодневна настава ни дневен престој. И трета група родители се оние на кои децата им се големи и немаат никаков агажман околу образованието на детето, а физичката настава си е „физичка настава“.

Како што кажав децата никој не ги прашува ама и они си имаат свои мотиви.

УЧЕНИЦИТЕ

За онлајн настава се оние деца кои се самосвесни, сакаат да учат и да направаат се што можат за својата иднина но при тоа да го зачуваат своето здравје и здравјето на блиските. Но има и ученици кои ја преферираат оваа настава затоа што можат да забушаваат и препишуваат до мила волја. Свесни се дека наставниците тоа го знаат но свесни се и дека не можат ништо да докажат.

За настава со физичко присуство се само малите деца кои училиштето го сфаќаат како место за дружење, за жал не се свесни дека дружба во овие услови ќе нема.

А што прави ВЛАДАТА со своето „Соломонско решение“ Навистина е соломонско, гледа да им удоволи на сите ама не успева во тоа. И да ви кажам право, мене не ми е удоволено.

Поголемите ученици ќе следат онлајн настава, што значи оние што учат пак ќе си учат а оние што забушаваат пак ќе си забушаваат. Родителите на овие деца немаат проблем со тоа, може да си одат на работа затоа што децата се големи. Наставниците исто така немаат проблем затоа што немаат контрола од родителите а децата се оспособени самостојно да учат и ќе им одржат од дома на Zoom по некој час. Супер!

Настава со физичко присуство ќе посетуваат учениците од 1 – 3 одделение. Е овие се оние наставници, родители и деца што ќе го јадат калапот за сите. Децата нема да можат да играат и да се дружат затоа што треба да се држи дистанца, часовите ќе им поминуваат во предавања (за музичко и физичко ќе заборават дека воопшто постојат а првачињата воопшто нема да знаат дека постои и таков предмет ) држење растојание, дезинфекција, почитување на протоколи. Нема другарство, нема да смее да му помогне на другрчето ако падне, нема позајмување моливче, ужинка, нема гушкање со наставничката, не знае кој ќе го земе од училиште и дали ќе успеат мама или тато да стасаат да го земат, кој ќе го чува денес … Нова нормалност – НОВА СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА.

Родителите нема да се ослободат од децата и да одат на работа затоа што децата ќе поминуваат само 2 саати во училиште и ќе имаат куп домашни затоа што на час од 30 мин малку може да се сработи .

Натавниците (зборувам за оние со големи паралелки како мене) ќе работат две смени, ќе држат 8 наставни часови со една пауза од 15 меѓу смените додека се дезинфицира училницата. Наставникот треба да ги пречека и внесе децата во училница еден по еден. Да ги научи децата за 30 мин тоа што не можел да ги научи ни за 40. Постојано да ги гледа и да внимава да не ја пипаат маската со раце, да не си подаваат предмети, да држат растојание, да одат во тоалет еден по еден, да провери дали измиле раце, да им ги дезинфицира рацете, да следи дали се чуствуваат добро (некој да не качи температура) да им ги проверува изработките од дистанца, да носи маска и визир ….. да ги испрати децата исто така еден по еден и по петнаест минути повторно истото со втората група. Нека ни е наздравје! 

Е сега е време да го кажам мојот став. Сметам дека е најдобро да се држи комбинирана настава. Значи настава со физичко присуство да има за оние ученици кои немаат компјутерска опрема и оние чиј родители сметаат дека е важно физичкото присуство. Часот да се пренесува во живо, истиот да се снима а потоа и постира на социјална мрежа која ја користи паралелката, за да можат да го следат учениците кои имаат технички услови, во време кое ним им одговара. Така ќе се задоволат различните потреби на децата и родителите а воедно и на наставниците кои ќе работат само една смена во училиште и останатото време ќе можат да го посветат на прегледување изработки и подготовка за следните часови.

Ете толку имав да кажам.

Тања Метикош – одделенски наставник што предава во III одд.

Ученички парламент

Ги канам сите оние кои го напишаа новиот Закон за основно образование, да се пријават и да ги реализираат моите одделенските часови за избор на претседател и заменик претседател на одделенската заедница во второ одделение, оти јас не се чуствувам способна за тоа, после 35 години работен стаж во образование.

Само нека се подготват добро затоа што на вторачињата (деца од 7 години) ќе треба да им објаснат кои се задолженијата на овие „функционери“ во одделението, кои компетенции треба да ги имаат за да се пријават за кандидати, како да напишат мотивационо писмо за нивната кандидатура (а пред тоа онака експресно да ги описменат), како да соберат потписи од нивните исто така неписмени поддржувачи ( најмалку 1/5 од учениците), како да ги убедат своите соученици дека баш тој е правиот избор за претседател на паралелката и најдобро ЌЕ се бори за нивните права.

Ај во ова можеби и ќе успеат, ќе зборуваат, објаснуваат па кој разбра, разбра. Родителите ќе пишуваат мотивациони писма, ќе ги учат да се потпишуваат и да се фалат како они се најпаметните и најспособните, и ќе умеат да ги бранат и да се изборат за ученичките права како претставници во Ученичкиот парламент, заедно со сите останати претседатели од II до IX одд. ( само да Ви напоменам дека учениците на оваа возраст го сваќаат концептот обврска, ама со правата некако тешко оди) .

Ама по славниот избор нека останат во одделението и нека го смират плачот на децата – кандидати кои не се избрани. Нека им кажат дека тоа е демократски и за следниот избор да се потрудат повеќе. Нека ги поправат скршените пријателства поради тоа што некое другарче не му се потпишало на листата или затоа што не гласало за него. Ќе речете па „гласањето ќе биде тајно“, да, ама сомнежот е пострашен од знаењето. Нека ги убедат дечињата дека изборот помина и дека они сега треба да продолжат и сите да бидат другарчиња, да не се подвојуваат и групираат, да си помагаат меѓусебно, да седат во иста клупа, да си ја делат ужинката се до следниот демократски избор на претседател.

Аааа! Да не заборавам и нека одржат и една родителска средба и нека ги убедат разлутените родители, баби и дедовци, тетки и стрини дека изборот не бил наместен.

Алооооо, што си замислувате бе Вие, од седумгодишна возраст сакате да образувате политичари? Не сте нормални!

Учителка:

Тања Метикош

procedura za izbor

kriteriumi i obvrski

dokumenti za prijavuvanje